Лазарова-Трајковска: Судиите мора да ги знаат стандардите на слободата на изразување

Од:

Судиите мора да ги познаваат стандардите и принципите во однос на слободата на изразување. Толеранцијата и почитувањето на индивидуалните мислења се единствен начин  за покренување на демократските процеси и тоа се стандарди кои Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ги втемелил во праксата.

Ова го истакна националниот судија во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска пред отворањето на конференцијата посветена на „Членот 10 од Европската конвенција за човекови права-Слобода на изразување“, што денеска се одржува во Скопје.

– Судиите мора да ги познаваат стандардите и принципите во однос на слободата на изразување, затоа што толеранцијата, почитувањето на индивидуалните мислења е единствен начин  за покренување на демократските процеси и тоа се стандарди кои Судот ги втемелил во праксата не само во пресудите, туку не пропушта прилика тоа да го пренесе и во одлуките, рече Лазарова-Трајковска.

Во случаи кога Судот одлучува по предмет поврзан за слободата за изразување во ситуации кога државата ја ограничила слободата на изразување судиите треба да водат сметка дали постои законска рамка, дали има легитимна цел и дали тоа ограничување било неопходно во демократското општество.

Лазарова-Трајковска појасни дека висината на казната или формата на казнување секогаш не мора биде секогаш во форма на парична казна туку, како што додаде,  со отпуштање од работа, со кривична постапка, со казна затвор итн….

– Казната мора да биде пропорционална на легитимната цел која се сака да се постигне во дадениот момент. Судот упатува на стандардот дека кога станува збор за новинарската слобода на изразување Судот има широки граници на толеранција. Новинарската слобода на изразување подразбира поширок пристап и поголема можност да се толерираат изјавите на новинарите, рече судијата Лазарова-Трајковска.

Посочи дека само преку обука, едукација и следење на состојбите во другите земји се учи и на туѓите грешки но, како што додаде, пред се треба да се познава праксата на Европскиот суд за човекови права, затоа што Конвенцијата е составен дел на домашното право и судиите треба да посегаат по неа.

– Секогаш кога судиите имаат недоумица како да постапат по одреден предмет треба да ја земат предвид праксата на ЕСЧП. Најчесто се работи за непознавање на пракста, за неразбирање на принципите на кои почива Конвенцијата, рече Лазарова-Трајковска.

Нагласи дека кога станува збор за човекови права, особено за слободата на изразување, мора да се има поширок пристап, односно судиите мора да имаат ширина во пристапувањето.

– Судот кога одлучува во однос на слободата на изразување, а тоа е стандардот кој што треба и домашните судови да го применуваат, посочува на тестот на пропорционалност, односно на тоа дали изречената мерка во однос на слободата на изразување е пропорционална на јавниот интерес и дали личниот интерес во дадаен момент го надвладеал јавниот интерес. Тоа се форми кои се вградени во праксата на ЕСЧП, рече Лазарова-Трајковска.

Новинарите, како што нагласи таа, се јавуваат во улога на информатори и имаат должност да ја информираат јавноста, а од друга страна јавноста има очекувања да прими информации од нив.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска истакна дека обуките ќе придонеат во унапредување на транспарентноста на македонството судство и на капацитетите на македонските судии во примена на стандардите и принципите на праксата на Европскиот суд во поглед на слободата на информирање.

Академијата, како што рече Арнаудовска, во соработка со Министерството за правда досега има преведено над 75 пресуди од обласата на членот 10, со цел да ја приближи праксата на Европскиот суд и тие пресуди да бидат референтен материјал за судиите во однос на предметите за граѓанска одговорност.

– На сите обуки во поглед на граѓанската одговорност посочуваме дека треба да се досудуваат разумни пропорционални износи согласно праксата на Европскиот суд, да се води сметка за правата на одбраната на тужената страна и да не се привилигираат политичарите и јавните функционери со досудување на поголеми штети, рече Арнаудовска.

Судијата на Основниот суд Скопје 2, Антоанета Димовска меѓу другото посочи дека подготвителното рочиште има централното место во самата постапка, бидејќи на рочиштето странките можат да ги искажат своите ставови, факти и гледишта, по што Судот ќе одлучи кои докази ќе ги изведува и ќе влезат во јавна расправа.

– Во овој момент имаме одржани поголем број подготвители рочишта и во фаза сме на главна расправа. Може да се очекува многу скоро и донесување на првите пресуди, но мериторно со пресуда засега нема завршено ниту еден предмет, рече Димовска.

Одговарајќи на новинарско прашање Димовска рече дека во Основниот суд Скопје 2 се водат вкупно 40-ина тужби против новинари од кои четири се поднесуваат од страна на политичари.

На денешната конференција ќе бидат изложени и клучните аспекти на домашната судска реформа во чии рамки се донесе и Законот за граѓанска одговорноста за награда и клевета.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО