Тутунарите од Пелагониско денeска два часa од 10 до 12 часот го блокираа магистралниот пат Прилеп-Градско, на излезот од градот. Oстанувaат на барањата и велат дeкa нема да отстапат од реален откуп, укинување на четвртата класа и реална цeна за врвните берби. Бараат нивниот официјален претставник, Сојузот на земјоделските здруженија, да биде со нив и да ги поддржи.
Флоре Грујевски, тутунопроизводител од Могила, е револтиран од откупувачите, а признава дека првпат министер за земјоделство веднаш се сретнал со нив.
– Целиот проблем ќе биде решен да отстапат откупувачите од четвртата класа и тогаш просекот ќе биде минимум 180-190 денари и реално да се ценат врвните берби. Му се заблагодаруваме на министерот за земјоделство кој брзо оствари средба со нас. Откупувачите го излажаа, прво министерот, а потоа и нас. Бараме и нашиот официјален претставник од Сојузот на земјоделските здруженија Менде Стомнароски да дојде и да биде со нас, изјави Грујевски.
Од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ бараат под итно да се дадат гаранции дека сите пунктови и кај сите откупувачи ќе се откупува реално тутунот.
– Под итно да се дадат гаранции, тоа да го направи државата. Секаде, на сите пунктови и кај сите откупувачи во земјава исто да се цени тутунот, реално. И тоа веднаш, зашто ова може да излезе од контрола и да се создадат ковид-кластери. Затоа е важно решение веднаш. Нема да отстапиме и ќе одиме до крај да се реши маката на тутунарите, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор.
По синоќешниот состанок во Прилеп со министерот за земјоделство, тутунарите останаа на ставот да протестираат, а од друга страна, да продолжи откупот на тутунот. Ќе се прави неделен пресек на текот на откупната кампања и на постигнатата просечна цена. Денеска се отворени сите откупни пунктови во Прилеп. Досега во државава се преземени само три проценти од родот. Речиси две третини е во Пелагонискиот регион.