„За првпат во последните три месеци, во Англија и Велс бележиме пад на регистрирани смртни случаи од Ковид-19 на неделно ниво“, соопшти државниот Завод за статистика (ОНС).
Во седмицата, заклучно со петок, 4 декември, биле регистрирани 2.835 починати од последици на инфекција со коронавирусот, што е за 205 смртни случаи помалку од претходната недела, јави Скај Њуз.
Најновите податоци опфаќаат седумдневен период во текот на кој на 2 декември беше укинато четиринеделното национално „затворање“. Најголем пад на смртноста е забележан кај лицата на возраст помеѓу 80 и 84 години, со 60 смртни случаи помалку од претходната недела.
Три четвртини од смртните случаи поврзани со коронавирус биле кај лица постари од 75 години.
Треба да се напомене дека бројот на смртни случаи во Англија и Велс е сè уште над петгодишниот просек.