Барселона, 14 декември 2020 (МИА) – Компанијата „Хуавеј“ го повика фудбалерот на Барселона, Антони Гризман, на разговори по повод неговата одлука да ја прекине соработката поради, како што тврди, основано сомневање дека кинескиот технолошки гигант придонесува за репресија врз Ујгурите, претежно муслиманско малцинство во Кина.
Гризман ги рекламираше паметните телефони на „Хуавеј“, но минатиот четврток ја прекина соработката, поради, како што рече, „сериозни сомневања“ дека компанијата тестирала софтвер способен да детектира припадници на ујгурското малцинство преку препознавање на нивните ликови со намера да им помогне на кинеските власти во контрола врз оваа етничка група.
-„Хуавеј“ се противи на сите видови дискриминација, вклучувајќи и користење на технологијата за вршење етничка дискриминација. Ниту развиваме, ниту, пак, продаваме системи, кои идентификуваат луѓе врз основа на нивната етничка група и не одобруваме користење на нашите технологии за дискриминирање и угнетување на припадниците на која било заедница“, соопшти кинеската компанија.