Монтажен објект во кој би се сместиле болни од Ковид-19 ќе се гради и во Тетово, најавија денеска од Кризниот штаб при Општина Тетово по одржаниот состанок. Градоначалничката Теута Арифи побара внимателност од граѓаните со цел да се намали бројот на хоспитализирани.
-Здравствените власти исто така информираа дека деновиве започна изградбата на модуларната болница за Ковид-19, која е една од 17-те такви центри што ќе се градат во сите градови на земјата. Инаку Општина Тетово ја обезбеди целата потребна документација и одобренија за урбанистичко планирање за изградба на овој објект во рамките на Клиничкиот центар во Тетово. Според прогнозите на меѓународните здравствени власти како и оние во земјата, борбата против пандемијата ќе продолжи и во наредните месеци, затоа ги замолуваме граѓаните да бидат уште повнимателни и посовесни во идниот период, почитувајќи ги сите протоколи и мерки за заштита, изјави градоначалничката Теута Арифи по средбата.
Од Клиничка болница информираа дека во моментот има 12 слободни места за прием на Ковид позитивни лица.
-Има 43 хоспитализирани лица. Од нив 34 се на кислородна поддршка и со други коморбидитети. Слободни има 12 места, информираше д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот.
Според податоците на тетовскиот кризен штаб бројот на активни случаи во Тетово и пет околни општини е 984.
– Вкупниот број на лица со дијагностициран Ковид19 од почетокот на пандемијата до денес е 4394. Од оваа бројка досега се опоравиле 3154 лица, а 162 починале, информираше Арифи.
Во градинките има пет активни случаи и три групи деца во изолација. Има 12 позитивни наставници во основните училишта и 3 паралелки во домашна изолација. Во средните училишта има 11 позитивни професори.