Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони, што треба да се одржи на 28 и 29 декември во Келн, ќе се игра без публика поради пандемијата на коронавирус, соопштија денеска организаторите.
Сите четири екипи, како што е наведено, ќе бидат сместени во таканаречен „балон“ под посебни здравствени и санитарни протоколи.
Здравствениот протокол, што го донесе Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе овозможи одигрување на завршниот турнир, иако Германија од 16 декември воведува целосни рестрикции во земјата за да спречи ширење на коронавирус, кои ќе останат на сила до 10 јануари.
– Во контакт сме со сите партнери, како и со локалните здравствени власти, и ги следиме нивните препораки, соопшти ЕХФ.
Ракометарите и целокупниот персонал на ПСЖ, Барселона, Кјелце и Веспрем два пати ќе бидат тестирани за коронавирус пред пристигнувањето во Келн, а нова серија тестирање ќе биде извршено по нивното пристигнување на фајнлфорот.
Во „балонот“ ќе им биде забранет влез на сите кои евентуално ќе имаат позитивен тест.
Полуфиналните двојки ПСЖ – Барселона и Веспрем – Кјелце ќе се играат на 28 декември, додека финалето и натпреварот за третото место ќе бидат следниот ден.