Потрошувачката на Клексан, лек против згрутчување на крвта и против појава на тромбофилија, е тројно зголемена во однос на истиот период лани, а последниве неколку дена социјалните мрежи се полни со пациенти кои се жалат дека не можат да го најдат. Меѓу нив има и трудници кои лекот го примаат како терапија за време на бременоста, а него го примаат и пациенти со Ковид – 19, за да се спречи појава на тромбови.
Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека има доволна количина од лекот.
„И покрај тоа што годинава се трошат тројно повеќе лекови од палетата на антикоагулантна терпија во која влегуваат лекови како Клексанот и Ксарелтото, во моментов нема недостиг од овој тип на терапија ниту во болниците ниту во аптеките. Зголемента потрошувачка се должи на тоа што овие лекови се вклучуваат како терапија кај болните со Ковид 19 кај кои се јавува одредени проблеми со крвта“, вели министерот Филипче.
Тој објаснува дека добавувачите на овој тип лекови во планираните набавки за 2020 година имаат предвидено увоз на многу помали количини од овие лекови, но со зголемената потрошувачка, министерот уверува дека се прават и дополнителни напори за набавки и досега немало проблем во испораката.
„Проблемот не е само кај нас туку во целиот свет. Зголемена е побарувачката на лековите од овој тип кај производителите и се прават дополнителни резервации од сите земји. Кај нас во ниту еден момент немаше недостиг од овие лекови. Клиничка аптека ги има во континуитет и достапни се на сите болници и ковид-центри, а испораката оди редовно и во аптеките низ државата“, вели Филипче.
Во текот на наредната недела од Министерството за здравство најавуваат дека ќе се испорачаат и дополнителни количини клексан во Клиничката аптека во Скопје, а доволни количини на лекот тврдат дека има и за аптеките и за останатите болници во земјава.
Во меѓувреме, пациентите кои не можат да го најдат лекот му пишуваат на министерот Филипче на „Фејсбук“ дека го нема, а оние, пак, кои успеале да обезбедат залиха се нудат да им помогнат за некоја од дозите.