Американските санкции не му дозволуваат на Иран да набави лекови и здравствена опрема од странство, вклучувајќи вакцини против коронавирусот кои се неопходни за спречување на најлошата пандемија на Блискиот Исток, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани.
– Нашите луѓе треба да знаат дека за каква било акција која планираме да ја спроведеме за да увеземе лекови, вакцини и опрема, треба стопати да го проколнеме Трамп, истакна Рохани.
Тој додаде дека дури станало и исклучително тешко да се извршат едноставни трансакции за набавка на лекови од други земји, додавајќи дека ќе бидат потребни повеќе недели за пренос на средства.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции за банкарскиот систем на Иран и нафтената и гасна индустрија на земјата, откако САД еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран во 2018 година.
Иако САД тврадт дека лековите и хуманитарните производи се изземени од санкциите, сепак многу банки и компании во светот се колебаат да соработуваат со Иран, стравувајќи од казнените мерки на Вашингтон.
Иран е блокиран и од меѓународниот банкарски систем, што му создава проблем да врши пренос на плаќања.