Кинотека од денеска до петок во кинотечната сала организира ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ (креативен документарец) и „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“ и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“, во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм.
Како што е најавено, Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Митко Панов е роден на 17 април 1963 година во Скопје. Студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во период од 1983 до 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на бројни телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен во 1986 година во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…
Панов со неговиот студентски филм „ Со кренати раце“ во полска продукција, снимен во 1985 година, по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен,Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.
За краткиот документарец „Бериќет“, кој е дел од трилогијата „Човекот и трудот“ во 1995 година на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет) доби Гран при за режија.
Панов со децени предава филм на Универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин од Англија, оскаровец со филмот „12 години ропство“ („12 Years a Slave“, 2014) и еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.
Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон…