Специјалниот пратеник на Владата за решавање на недоразбирањата со Софија, Владо Бучковски, утре ја започнува својата прва официјална посета на Бугарија.
Од бугарското МНР соопштија дека вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева утре ќе го прими специјалниот претставник на Република Северна Македонија за Бугарија Владимир Бучковски.
По разговорите, Захариева и Бучковски ќе одржат прес-конференција во 13.30 часот во Министерството за надворешни работи.
Бучковски, како што јавија бугарските медиуми, за време на посетата на Софија, ќе има средби и со премиерот Бојко Борисов и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, а во четврток ќе се сретне и со претседателот Румен Радев.
Универзитетскиот професор и поранешен премиер Бучковски Владата минатата недела го назначи за специјален пратеник во Бугарија.