Во пресрет на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска во Музејот на Македонија беше промовиран првиот прирачник наменет за вработените во музеите „Водич за лица со попреченост при посета на музеите“, напишан од Емилија Георгиева и Сузана Марковска.
-Ме радува што првпат излегува ваков вид на издание, што навистина ќе биде корисно. Практично сите прирачници се на некој начин корисни, но овој прирачник е особено важен бидејќи произлегува од луѓе кои со години ја работат оваа проблематика и имаат исклучително големо искуство во работа со сите групи, особено со деца и луѓе со попреченост и тоа дава една посебна тежина на овој прирачник, истакна Јован Шурбаноски, директор на Музејот на Македонија.
Прирачникот е проект поддржан од Министерството за култура, а Афет Јашари, претставник од министерството истакна дека му претставува голема чест што стручните лица придонесуваат за нарјанливата категорија во нашето општество.
Тој додаде дека ова нема да биде последен проект наменет за лицата со попреченост што Министерството за култура ќе го поддржи и нагласи дека со годишните програми што министерството ги објавува во континуитет со обуките и меѓународните конвенции, истакна дека и нашата држава ќе земе активно учество во ваквите проекти.
-Во иднина овој прирачник ќе биде добро четиво за луѓето кои работат во музеите, бидејќи јас, а и самите тие знаат дека не е суштината да се каже што е тоа што е поставено во музеите, особено кога станува збор за лицата со попреченост, напротив треба да се доближиме до нив бидејќи само така ќе бидеме прифатени од нив и на тој начин тоа што сакаме да им го кажеме тие ќе го прифатат, истакна професор д-р. Ристо Петров, рецезент на прирачникот.
Емилија Георгиева нагласи дека идејата за изработка на овој прирачник започнала уште пред неколку години, кога таа како наставник дефектолог заедно со нејзините колеги и ученици од посебното основно училиште „Иднина“ започнале да ги посетуваат музеите, при што реализирале едукативни работилници, учествувале на манифестации, ги истражувале археолошките локалитети Скупи и Стоби.
-Беа одржани две предавања за музејските едукатори за кои што се покажа голем интерес од страна на присутните. Прирачникот ќе им овозможи на сите вработени во музеите стекнување на основни информации на лицата со попреченост и нивните карактеристики, подобрување на пристапот до музејските постапки и нивно адекватно приспособување според потребите на овие лица, вели Георгиева.
Прирачникот нуди и стекнување неопходни информации за основните методи и техники на работа при организирање едукативни работилници во музеите. Социјалната инклузија на лицата со попреченост е една од активностите што се преземаат со цел и овие лица да се почуствуваат како рамноправни во општеството и да им биде овозможен пристап до сите институции од областа на културата.