„Атеље 212“ на МОТ: „Лоунли планет“ е театарски пркос на пандемијата

Од:

Петмина автори во соработка со култното „Атеље 212“ од Белград за време на пандемијата ја поставија претставата „Лоунли планет“. По премиерата во јули, оваа претстава ќе биде изведена на 45. издание на фестивалот Млад отворен театар утревечер во два термина во 18 и во 20 часот во Младинскиот културен центар.

„Лоунли пленет“ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие. Оваа претстава се одразува на светот на првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината.

Димитрије Коканов, еден од авторите на „Лоунли планет“ вели дека театарот мора да опстане и да наоѓа нови форми за комуникација со публиката.

„Специфично за „Лоунли планет“ е фактот што оваа претстава е создадена како одговор на првиот дел од пандемијата на коронавирусот. Поточно, ние петорица автори Маја Пелевиќ, Олга Димитријевиќ, Тања Шљивар, Игор Коруга и јас се договоривме секој да напише текст како одговор на ситуацијата во која се наоѓаме. Кога ги собравме петте текстови се договоривме секој од нас да изведе по еден текст, но не својот, туку на некој од колегите. На крајот во соработка со „Атеље 212“ се случи претставата во која петорица писатели, пишуваат, режираат и ја изведуваат „Лоунли планет“, вели Коканов.

Според него, естетската вредност на театарот не се намалува со новиот израз и специфичност на изведба.

„Всушност целиот 20 век, од советската авангарда, германскиот модернистички правец, па потоа втората половина на 20. век со студиите за изведба и уметноста на перформансот, современиот танц, одамна го проблематизираше традиционалниот театар. Во таа смисла, пандемијата е само нов контекст кој му предлага на театарот да пребарува и да провери дали е во состојба да одговори на новите услови на животот или ќе се прогласи за надминат. Сепак, мислам дека театарот се уште може и треба да наоѓа начин да опстанува и да се развива“, вели тој.

„Лонли планет“ гласно говори и за горчината која масовно се чувтсвува на целата планета а се однесува на осаменоста. Сепак, Коканов вели дека тоа што се сменети моделите на комуникација, не треба да се загуби хуманизмот а токму оваа претстава сака да потсети дека не траба да се уплашиме и избезумиме.

„Социјалната интеракција е возможна со променети модели на комуникација и тоа е точно тоа што не збуни и уплаши. Во представата меѓудругото се занимаваме со феноменот на осаменоста, излолацијата, отуѓеноста, пред се со дистанцата. Поточно со таа терминолошка грешка или политичка намера да се воведе, пропагира и сите мерки на заштита да се наречат социјална дистанца. Ако така гледаме на нештата, тоа што би требало да го наречеме физичка дистанца го добивме како повеќезначајна фраза која укажува на отуѓеноста и осаменоста. Во процесот на подготовка на „Лоунли планет“ ние бевме одвоени, некој беше во село, некој во Белград, еден од нас во Риека, еден од нас во болница со месеци. И навистина на некој начин бевме дистанцирани и осамени и токму со оваа претстава сакавме да ја надминеме одвоеноста и да покажеме дека театарот може и мора да опстане за време на пандемија“, вели Коканов.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Хинкеман“ на независниот театар Златен Елец го отвара 49. МОТ

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска