Откако малку стивнаа емоциите по испраќањето на легендарниот фудбалер Диего Марадона, почнува борбата за неговото наследство, проценето на околу 75 милиони долари, а на него право полагаат дури осум жени и единаесет признаени или непризнаени деца на аргентинскиот ас.
Од еден брак и три вонбрачни врски, Марадона има пет деца кои тој ги призна. Но, уште четири жени тврдат дека родиле вкупно шест деца на Аргентинецот. Две од тие наводни деца живеат во Аргентина, а четири се на Куба. Сите тие сега сметаат дека имаат право на дел од наследството на Диего, пишуваат аргентинските медиуми.
Според проценките, Марадона во кариерата заработил околу половина милијарда долари. Но, како што знаеме, тој максимално уживаше во животот и не штедеше, а на лесните жени, дрогите, луксузните недвижнини и скапоцените автомобили го има потрошено поголемиот дел од заработката. Сепак, се проценува дека му останале околу 75 милиони долари.
Нема никаков сомнеж дека дури сега ќе почне вистинската сапунска серија околу Марадона, војна на неговите наследници за богатството, пишува аргентинскиот новинар Хулио Кјапета.
Работите ги компликува и тоа што Марадона нема оставено тестамент и поради тоа, поделбата на неговиот имот ќе оди многу потешко.
Петте признати деца ќе бидат во предност. Ќерките Далма (34) и Џанина (31), родени во бракот со Клаудија Вилафане, единствената законска сопруга на легендарниот фудбалер. Потоа, синот Диего Јуниор (34), роден во врската со Кристина Синагра, ќерката Јана (25) од врската со Валерија Сабалаин и седумгодишниот Диего Фернандо, роден во врската со Вероника Оједо.
Според аргентинските медиуми, дополнителен проблем во судската делба на наследството е тоа што единствено синот Диего, кој е роден и живее во Италија, е во добри односи со полусестрите и полубратот.