Најмалку 19 лица загинаа во серија напади во Авганистан во текот на изминатото деноноќие.
Во експлозија на бомба поставена под мост северно од главниот град Кабул денеска загинаа пет лица, соопшти авганистански пратеник. Обајдула Рамин изјави дека експлозивната направа била активирана додека по мостот минувал неговиот конвој.
Меѓу загинатите се и тројца роднини на Рамин. Најмалку 14 авганистански војници и полицајци се убиени во серија напади низ земјата во текот на изминатото деноноќие, соопштија властите.
Најголемиот напад е извршен во јужната провинција Кандахар, каде седум авганистански полицајци се убиени во текот на ноќта од двајца поранешни колеги. Напаѓачите побарале да преноќат во полицискиот пункт и во текот на ноќта отвориле оган, по што избегале.
Одговорноста за нападот ја преземаа талибанците. Двајца авганистански војници загинаа денеска во експлозија на рачно изработена бомба поставена крај пат во јужниот дел на Авганистан.
Петмина авганистански војници загинаа во престрелка со група локални и странски бунтовници, кои извршиле напад врз село во северната провинција Бадахшан. Во престрелката се убиени и шестмина напаѓачи.
Талибанците на почетокот на месецот почнаа пролетна офанзива во Авганистан. Тие значително ги зголемија своите напади низ земјата, а нивна главна цел се меѓународните сили под команда на НАТО и авганистанската армија и полиција.