Чешката автомобилска индустрија „Шкода-Ауто“ денеска објави фотографии на надворешниот изглед на новиот модел на спортскиот автомобил „Шкода Рапид Спорт“, додека изгледот на ентериерот е се уште тајна, јави дописникот на МИА од Прага.
Објавениот модел во металик црвена боја е поставен на 19-инчни алуминиумски тркала со атрактивен дизајн. Ксенон светлата со ЛЕД дневни светла се во облик на лента.
На предницата има различен спојлер, поголем отвор за воздух, како и поцврсти браници и странични прагови.
На задниот дел на автомобилот се наѓа отпорен браник со две интегрирани издувни цевки. Задните светла во облик на типична буква С се во различна боја, воланот е со спортски облик.
Иако нема информација за моторот, се претпоставува дека е 1.2 ТСИ, кој во посилната верзија на сериското происводство на „рапид“ произведува 77 киловати или 105 коњи.
– Во овој момент не планираме сериско производство на „Рапид Спорт“, изјави за порталот „Новинки“, Витезлав Пелц од службата за информирање на „Шкода“.