Во организација на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфред Мартенс центарот за европски студии-Брисел, денеска започна одржувањето на петдневната Регионална школа „Новата безбедноста агенда одговор на современите ризици и закани“.
На овој академски регионален онлајн собир учествуваат студенти, професори и лица од пракса од Универзитетите од Република Северна Македонија, Република Бугарија, Република Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.
Проектот ќе понуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од земјите од регионот.
Професорот Марјан Ѓуровски кој е носител на проектот од Универзитетот „Св.Климент Охридски“ смета дека регионалното безбедносното опкружување во изминатиов период е значително подобрено, но односите на Балканот продолжуваат да бидат чувствителни. Разлики од национален, етно-религиски и културолошки карактер и спротивставените цели и интереси, според него, може да бидат предизвик за безбедноста и сигурноста на Регионот, затоа е потребно дебалканизација низ процесот на европеизација.
-Во Западниот Балкан социеталната небезбедност го замени државниот суверинитет како клуч за успехот или неуспехот на европската интеграција, туркајќи ги грижите за идентитетот на врвот на политичката агенда и предизвикувајќи на тој начин длабока поделба меѓу луѓето и нивните политички елити, нагласи во своето излагање, проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола професор Марјан Ѓуровски професор на Факултетот за безбедност-Скопје.
Најзначаните ризици кои се наведуваат во дискусиите на регионалната школа со кои се соочуваме доаѓаат од асиметричните, хибридните, сајбер и други загрозувања од невоена природа, вклучувајќи ги и оние од недржавни актери, природните непогоди, технолошките катастрофи, епидемии и климатски промени. Во однос на идентификуваните безбедносни предизвици, закани и ризици системот за безбедност треба да гради капацитети и способности за одговор на истите: во услови на воени и кризни ситуации, сајбер и хибридни закани, тероризам, активности на странски и недржавни актери, закани по критичната инфраструктура и нелегална трговија со конвенционално оружје, оружје за масовно уништување и нуклеарна технологија.
Државите на ЈИЕ се соочуваат со истите загрозувања по мирот и безбедноста како и останатите држави во Европа. Турбуленциите и можноста од нивно прелевање во соседните региони, можат да влијаат врз севкупната политичка, економска и безбедносна состојба. Регионот останува обременет со својата историја и продолжува да се соочува со прашања кои може да доведат до политичка нестабилност, е еден од заклучоците на професорите на Регионалната онлајн школа.
Во школите како учесници ќе бидат вклучени студенти и професори од Универзитети од Република Северна Македонија и од регионот. Проектот ќе понуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од земјите од регионот: Северна Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка, координација и спроведување на безбедносна политика и стратешките насоки за миграцијата, како и безбедносната политика на Европската унија и политиката за мигранти, се наведува во соопштението од Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола.