Глобалните вредности на јаглерод диоксид (СО2) во атмосферата остануваат на рекордно високи нивоа и покрај затворањето на економиите и општествата заради пандемијата на коронавирусот, се наведува во последниот извештај на Светската метеоролошка организација (СMO).
Извештајот сугерира дека последен пат нивоата на јаглерод диоксид биле толку високи пред три до пет милиони години.
Научниците тврдат дека затворањата на заедниците поради пандемијата од Ковид-19 ги намалија емисиите на многу загадувачи и предизвикувачи на ефектот на стаклена градина, но забележуваат дека тоа има незначително влијание врз вкупната концентрација на јаглерод диоксид.
Метеоролошката организација на ОН предупредува дека глобалната просечна концентрација на јаглерод во 2019 година го проби прагот од 410 честички на милион (ppm), а растот продолжи и во 2020 година.
-Го пробивме глобалниот праг од 400 ppm во 2015 година и само четири години подоцна надминавме 410 ppm, изјави генералниот секретар на СМО, Петери Таалас.
Ваквата стапка на раст, според него, никогаш не била видена во историјата на регистрираните записи.
-Падот на емисиите поврзани со заклучувањето на општествата е само мала трага на долгорочниот графикон. Потребно ни е континуирано изправање на кривата, рече Таалас.
Според него, пандемијата на Ковид-19 не е решение за климатските промени, туку нуди платформа за поодржливо и амбициозно дејствување за намалување на емисиите и целосно трансформирање на индустриските, енергетските и транспортните системи.