Атиџе бара мир, а не пари: И куќава нека ја продадат, сите мене ме напаѓаат, никој не ги решава проблемите

Од:

Хероината од филмот „Медена земја“, Атиџе Муратова, вели дека не бара донации, туку дека луѓето сами ѝ барале трансакциска сметка за да ѝ помогнат да ја среди куќата. Таа за „А1он“ вели дека и по „Оскарите“, живее ист живот, но со повеќе проблеми. Подготвена е да ја врати куќата, но да си го задржи мирот, а животот да го продолжи во Бекирлија, каде што се снимаше филмот. Атиџе вели: „Колку за живејачка имам“.

„Јас донации не барам. Луѓето сами сакаат да донираат за куќата да се среди. Јас живеам исто како пред филмот. Пари немам земено за снимањето на филмот, само куќата што ја имам. Сега имам повеќе проблеми. Немам мир и мислам ова ќе биде и полошо. Јас сега не знам кај ми е главата. Е, така човек може да загине, здравјето да го изгуби. Луѓето знаат дека куќата не е доправена. Сакаат да помогнат. Една – една соба, сакаат да ја направат. Многу сум напната. Еве им ја куќата, нека дојдат, нека ја земат, нека ја продадат. Не ми треба ни куќа. Како што живеам во Бекирлија, на ист начин живеам и тука“, вели Атиџе за „А1он“.

По објавувањето на трансакциската сметка, Атиџе вели дека добила и телефонски повик од повозрасна жена, од која трпела навреди.

„Ми се јави една жена, македонски зборуваше. Се јави пред вечера. Ми вика: ‘Нели е срамота тоа што собираат донации’. Ѝ реков: ‘Јас не барам’. Таа почна да вика: ‘Куќа ти дале, бања имаш, јас немам толку’. Јас ѝ велам: ‘Жено, ти свесна ли си дека јас не сум зела пари и не барам’. Три дена пијам ‘дијазепам’. Да се јавеше, да прашаше, ќе ѝ кажев како што е. Жената ме посрамоти. Сите мене ме напаѓаат, никој не ги решава проблемите. Филмаџиите ги нема. Многу ме притискаат“, вели Атиџе.

Поради ваквите напади, Атиџе бара екипата на „Медена земја“ да излезе заедно со неа пред јавноста и да се објаснат сите работи.

„Разочарана сум од сето ова. Филмаџиите да се јавеа, да прашаа каква ми е состојбата. Тоа што ми помогнаа јас не го кријам. Тоа и пред јавноста го кажувам како што е. Сакам сите да дојдат тука пред јавноста, сите да ги кажеме проблемите и да ги решиме! Немам деца, немам маж. Куќата ли ќе ме радува мене? Јас се радувам вака кога ќе се чујам со луѓе, ќе ми се јават, кога ќе муабетам. Сите мислат дека јас сум зела пари од филмот. Сите прашуваат колку пари сум зела, а јас пари не сум зела. Утре може ќе дојде полиција, ќе ме носат во станица, јас ништо не знам. Немам потпишано ни договор за филмот. Куќата е купена од филмот, 8.600 евра. Ставена се надворешна врата, три прозорци, кујна, шпорет, два кревета, една маса. Една жена ми донесе машина за алишта од Куманово, а телевизорот е од друг“, раскажува Атиџе за „А1он“.

Екипата на „Медена земја“

Притисок за пари има и од другите учесници во „Медена земја“.

„Зборуваат по комшиите: ‘Атиџе ја знае целата работа, јас сакам пари’. Јас велам: ‘Мене не ме замарајте. Моја работа тоа не е’. Тие велат: ‘Атиџе зела пари, мене не ми дадоа’. А ништо не сум зела, се колнам. Ќе земам, ќе го фатам патот за Бекирлија, сакам мир“, раскажа таа.

И натаму останува нерешен и спорот со соседите, кои исто така имаат улога во филмот „Медена земја“. Атиџе објаснува дека 10 години траел судскиот спор. Таа ја стопирала наплатата на средства преку извршител кога Атанас, еден од членовите на екипата, го побарал тоа од неа со цел, да нема повеќе проблеми со соседите.

„Мојата адвокатка имаше активирано извршители за да ги земе парите за судските трошоци од комшиите. Тие се јавиле кај Атанас, се жалеле, а потоа тој мене ми рече: ‘Атиџе, за да немате проблеми, јас ќе дојдам таму да се потпишете и да се реши’. И дојде, се потпишавме. Отидовме кај извршителот и кажавме ако прави проблеми, да продолжи наплатата. По една недела, пак проблеми. Една година, ниту денар не е наплатен од спорот. Десет години на суд, јас имам давано мои пари. Тоа не се малку пари. За моите пари се бунам“, објаснува Атиџе.

На Атиџе ѝ требаат уште шест години за да добие старосна пензија. Запрашана дали сака предвреме да се пензионира, вели: „Ако ми се понуди можност, ако се може, да“.

Би можело да ве интересира

Екипата на „Медена земја“: Протагонистите не беа заборавени, им беше дадена несебична помош

Ана Ололовска

„Медена Земја“ предизвикува големо внимание кај француската филмска публика и критика

Ана Ололовска

„Медена земја“ од денеска во француските киносали

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Атиџе од Медена земја ја сними својата прва студиска песна

Искра Манојлоска

„Медена земја” го отвори Фестивалот на документарен филм во Словенија

Ана Ололовска

Спасовски им врачи плакета на авторите на „Медена земја“: Благодарам што нé направивте горди со освоените награди и номинациите

Ана Ололовска