Младинскиот културен центар од утре до 3 декември ќе го организира 45. Млад отворен театар со претстави во живо и онлајн-претставувања специјално за театарскиот фестивал. На програмата се претстави на 12 театри од нашата земја и од Словенија, Србија, Грција и Хрватска. Годинашното ќе биде прво хибридно издание на МОТ и ќе се случува онлајн и на сцената на Младинскиот културен центар и Универзалната сала.
Фестивалот ќе почне утре во 19 часот во Универзалната сала со премиерата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ – копродукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат. Претставата е приказна за затворениот објект на Универзална сала кој официјално не функционира веќе пет години. Автори на проектот се дел од тимот што победи на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година.
Во десетте фестивалски вечери ќе има уште две премиери – перформансот „Скрисејвер“ (Screensaver), кој на 26 ноември од 19.30 часот ќе биде прикажан онлајн, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.
Втората премиера е „Херои 4:33“ во режија на Деан Дамјановски на театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес, која на 28 и на 29 ноември од 18 часот ќе биде изведена во Младинскиот културен центар.
На фестивалската програма се и претставите: „Траги од Антигона“ на ОДЦ Ансамбл од Грција (онлајн на 25 ноември од 20 часот); „Полковникот птица“ на НУ Гостиварски театар (онлајн на 27 ноември од 18 часот); „Ајхман во Ерусалим“ на Загребачко казалиште младих од Хрватска (онлајн на 27 ноември од 20 часот); „Три сестри и Наташа П“ на Арт медија (онлајн на 29 ноември од 19.30 часот); „Илузии“ на Wonderland Theatre (онлајн на 29 ноември од 21 часот); „Иднината е приватна“ на „Пресврт“ (онлајн на 30 ноември од 19 часот); „Спроти нештата“ на Словенско младинско гледалишче од Словенија (онлајн на 1 декември од 21 часот); „Кожурец“ на театарот „Артопија“ (онлајн на 2 декември од 19.30 часот) и претставата „Лоунли планет“ на „Ателје 212“ од Србија која ќе гостува во Младинскиот културен центар на 3 декември со две изведби – од 18 и од 20 часот.
Претставата со која утревечер ќе биде отворен 45. МОТ, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ќе има уште четири изведби во наредните четири дена, исто така со почеток во 19 часот.
– Таа е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле… „Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде, велат Кристина Леловац и Филип Јовановски – авторскиот тим на претставата.
МКЦ соопшти дека со годинашниот МОТ, кој се организира со поддршка од Град Скопје, се обидува да не го прекине континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот. Ова е издание е хибридно – онлајн и со изведби во МКЦ и Универзалната сала, како и линк со видеоизјави и тизери.
– Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре, изјави Русе Арсов од МКЦ.
Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.
Поради ситуацијата со КОВИД-19, МКЦ соопшти дека тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.