Во истиот ден кога Mercedes го симна превезот од новата класа S, конкурентот BMW ги пушти првите фотографии од идното купе од серијата 7.
Тие не откриваа многу, можеше да се видат само контурите на возилото. Но, целта беше исполнета. BMW одвлече дел од вниманието од премиерата на Mercedes.
Возилото е дизајнирано и изработено заедно со дизајнерската куќа Pininfarina и го носи името Gran Lusso Coupe.
Каросеријата е широка и ниска, типичните бубрези во маската се закосени како нос на ајкула, светлата се издолжени, отстрана има впечатливи жабри, задното стакло се спушта меко над задните тркала, а на крајот е кусиот опаш со светлечки диоди што се зажарени како лава. Актуелното купе на основа на претходната класа S на Mercedes изгледа едноставно и барокно во споредба со ова купе.
Влијанието на BMW Pininfarina Gran Lusso Coupé е фасцинантно. Тоа изразува типични за BMW доблести како луксуз и присуство на многу елегантен пристап, Вели Адријан ван Хојдонк, шеф на BMW Group Design.