Главниот американски епидемиолог, д-р Ентони Фаучи, кој го води Националниот институт за алергија и заразни болести, за канадскиот ТВ канал Си-Би-Ес Њуз изјави дека Ковид-19 првенствено се шири во домаќинствата, меѓу помали групи на луѓе.
Според него, тестирањата за асимптоматско ширење на болеста и продолжувањето со практикувањето на основните превентивни мерки, како што се миење на рацете, физичко растојание и носење маски, и натаму се клучни за спречување на ширењето на вирусот ширум светот.
Фаучи смета дека и покрај првичните успеси во контролата на пандемијата, Канада сега исто така се соочува со влошување на состојбата.
-Во моментов целата планета е во неволја, рече Фаучи.
“Европската унија, ако погледнете во бројот на нови инфекции, е надвор од контрола. САД се целосно надвор. Канада, на која, наводно, добро и одеше, сега, исто така, се наоѓа во неволја”, рече Фаучи.
Тој во интервјуто кажа дека вирусот се шири првенствено на „ниво на домаќинството“ кај помалите групи луѓе кои можеби дури и не знаат дека се заразени и предупредува дека ова е нешто на што треба да се внимава, особено кога се ближат празниците и постудените месеци.
-Ако само ги тестирате луѓето кои покажуваат симптоми, ќе се пропушти ширењето на инфекцијата во заедницата, предупреди тој.
Фаучи вели дека е изненаден од резултатите од раните испитувања на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, кои покажаа ефикасност од над 90 проценти, но тврди дека се уште не е време за славење.
-Иако се уште не се знае дали вакцините ќе обезбедат долгорочен имунитет на Ковид-19, зачудува фактот што вакцината на „Модерна“ спречи сериозна болест кај учесниците во третата фаза, рече Фаучи.
Тој се надева дека до средината на 2021 година луѓето ќе бидат вакцинирани против Ковид-19, но истакна дека земјите дотогаш не треба да ги напуштаат мерките за заштита на јавното здравје.