Во рамки на European Short Pitch, краткиот филм во развој „Скакулци“ на младиот македонски филмски автор Ханис Багашов ја доби првата награда, која ја доделува Région Bretagne.
European Short Pitch е пан-европска иницијатива на Ниси Маса за поддршка на млади таленти во областа на краткиот филм, во чии рамки оваа година се најде и „Скакулци“, во копродукција на ОХО Продукција и La Belle Affaire Productions од Франција. Овој краток филм во развој „пичираше“ на Форумот на копродукција, кој се одржа од 12-15 ноември 2020 во партнерство со Европскиот фестивал на краток филм „Брест“, откако претходно беше селектиран помеѓу 12-те најдобри од преку 160 пријавени проекти на Ниси Маса.
Филмскиот проект „Скакулци“ [“Grasshoppers”] на Ханис Багашов е во развој повеќе од една година. Ко-продуценти се Илија Тирицовски [OXO Продукција] и Жером Блесон [La Belle Affaire Productions], од каде имавме силна поддршка и помош во подготовката на проектот за European Short Pitch.
Оваа награда претставува голем поттик и мотив и во следниот период продукциите ќе работат на обезбедување на средства за продукција, првично од филмските фондови од матичните земји.
„Скакулци“ е приказна за забранетата љубов, отуѓеноста и интерпретацијата, односно разбирањето, која се одвива во текот на еден ден во магливо поле полно со скакулци. За приказната, самиот автор појаснува: „Копнежот на еден човек е како вода која се пробива низ камења.“