Општински пари завршувале во здруженија на општинари и нивните деца

Од:

Раководител на сектор потпишувал записници за исплаќање општински пари на организација во сопственост на неговото дете. Советник аплицирал и добивал пари за неговото здружение, кои биле изгласани и одобрени од неговите колеги. Претседател на Совет сам си потпишувал одлуки за општински пари да легнат на сметката на неговото здружение. Ова се само дел од случаите на судир на интереси кои ги детектираше Организацијата на жени на општина Струмица, а се однесуваат на општините Василево, Струмица и Валандово. Единствено Општина Петровец не ги открива финансираните организации на кои им исплаќа средства секоја година. Поради затвореноста на општината, дури и да имало судири на интереси, тоа не може да се утврди. Останатите општини тврдат дека се справиле со ваквите случаи. Но, ниту еден градоначалник не го поткрепи своето тврдење. Никаде во документите кои ни се доставени од распределбата на средствата, нема констатирано судир на интереси, ниту пак, записник како истиот бил елиминиран. Праксата со судир на интереси во некои од општините траела со години.

Со зборот „немаме“ испишан на еден лист, градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, одговори на 20 барања за пристап на информации од јавен карактер испратени од Организацијата на жени на општина Струмица. Тој не ги кажува организациите, но и висината на средствата кои поединечно биле исплаќани од општинскиот буџет, кој го полнат граѓаните. Поради затвореноста и нетранспарентноста на Митевски, не може да се утврди кои се сопствениците на организациите и дали и како во останатите случаи имаат поврзаност со него, со вработени во општината или, пак, со Советот на општината. Сомнежите за судир на интереси се уште поголеми поради тоа што во општината парите за оваа намена се доделуваат без методологија, критериуми и оценување.

Немаме судир на интереси, а критериум за да дадеме пари е да сте жител на општина Петровец и организацијата да е од Петровец, објаснува градоначалникот Митевски

Градоначалникот на Петровец, Митевски, во краток разговор за „А1он“ објаснува дека општината финансира само спортски клубови, но не и организации, иако ставката од буџетот за трансфер на средства до невладини организации секоја година се полни и празни. Во 2018 година со буџетот биле предвидени посебни средства за спортски клубови, а посебни за невладини организации и истите се потрошени. Но, за тоа каде се префрлени, никој не дава одговор.

„Немаме судир на интереси, а критериум за да дадеме пари е да сте жител на општина Петровец и организацијата да е од Петровец. Парите ги даваме на спортски клубови, ФК ‘Петровец’, ‘Ржаничино, Долно Коњари, Средно Коњари, КК ‘Петровец’, теквондо клуб ‘Петровец’, игроорно друштво ‘Петровец’. Имаме две невладини организации, ама денар им немаме пуштено затоа што тука ќе имаме судир на интереси“, рече градоначалникот Митевски, без да каже кои се тие здруженија.

Во Валандово, пак, претседателот на Советот на општината, откако членовите ќе ги изгласаат, сам си ги потпишува одлуките со кои потоа се исплаќаат пари на ловечко друштво чиј управител е тој. Ваквата пракса трае од 2018 година, кога претседателот е и именуван за овластено лице во организацијата. Ловечкото друштво, според одлуките кои општина Валандово ги достави до Организацијата на жени на општина Струмица, има добиено 50 илјади денари кои се искористиле за набавка на ловечка пушка, 90 илјади денари за печатење книга по повод 70 години од основањето на друштвото и 50 илјади денари во 2020 година.

Градоначалникот Костадинов тврди: Од кога сум градоначалник средства се доделуваат на сите организации кои имаат потреба

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, тврди дека претседателот на Советот, кој е овластено лице во ловечкото друштво, се изземал од секое гласање за доделување на организацијата. Но, неговото изземање не е никаде евидентирано во документите доставени до нас. Поради можното влијание кое претседателот на Советот го има врз советниците, градоначалникот Костадинов вели дека ќе ги разгледа можностите за во иднина да нема судир на интереси.

„Претходните години наназад Општината постојано доделува средства на ловечкото друштво. Им се даваат средства при организација на ловечката вечер. Од кога сум градоначалник средства се доделуваат на сите организации кои имаат потреба. За да нема судир на интереси, претседателот се иззема од гласањето“, вели Костадинов за „А1он“.

На прашањето да каже неколку проекти кои општината ги финансирала, градоначалникот Јанев рече „На седниците има поминато бесконечен број точки, не можам сите да ги памтам“

Општината Василево, единствена која издвојува пари за одбојкарски клуб кој не работи, во писмен одговор тврди дека досега немале судири на интереси при финансирање на организации со општински пари. Но, оттаму не доставија листа со имињата на финансираните здруженија. Инаку, финансирано со општински пари било и здружението на еден од советниците во Василево. За да нема судир на интереси, градоначалникот Марјан Јанев вели дека советникот се изземал од гласањето додека другите одлучувале дали парично да се помогне неговото здружение. Но, за ова нема ниту еден писмен доказ, доставен од Општината до Организацијата на жени на општина Струмица, која испрати дваесетина барања за пристап до информации од јавен карактер.

„Тој не може да има влијание врз Советот бидејќи помошта за неговото здружение не ја мешаме со неговата советничка функција. Тој не е виновен што има невладино здружение, а истото не е отворено ниту со почетокот на неговиот мандат“, вели градоначалникот Јаневски за „А1он“.

На прашањето да каже неколку проекти кои општината ги финансирала, градоначалникот рече:

„Преку телефон тоа не можеме да го разговараме. Во моментов не можам да дадам каков било одговор во тој дел, бидејќи не знам ниту со кого разговарам преку телефон, првпат се слушаме и веднаш ми барате информации. На седниците има поминато бесконечен број точки, не можам сите да ги памтам“.

Две години со ред пари од Општина Струмица се префрлале во здружение каде што еден од сопствениците е син на претседателот на комисијата што го спроведува јавниот повик. Според записникот, во 2017 година здружението ги добило сите пари кои ги побарало, односно 178.000 денари, а, пак, други организации се оценувани со помали оценки, со што добиле помалку пари од побараните. Ист е случајот и во 2019 година, кога бил финансиран втор проект на здружението со 250.000 денари, колку што и побарале подносителите на апликацијата. И на двата записници е потпишан претседателот на комисијата, татко на синот кој е сопственик на здружението.

Од Општина Струмица тврдат дека во двата случаи член на комисијата се изземал од процесот на евалуација и оценување на апликацијата.

„Процесот на евалуација и оценка го вршеше комисијата во чиј состав беше заменикот, без физичко присуство на членот. Тоа е потврдено со потписите од сите членови и заменик-членови во записникот од Комисијата“, велат од општина Струмица.

Но, иако има потписи од сите кои учествувале во евалуацијата на проектите, во записниците не е наведено дека поради судир на интереси помеѓу апликант и член на комисијата, истиот бил изземен од оценувањето. Со тоа, сите потписници на записникот го потврдуваат само бодувањето и распределбата на парите, но не и тврдењето на Општина Струмица.

Го исконтактиравме претседателот на комисијата, но тој кажа дека поради здравствени причини не е на работа и не може да разговара, но штом се врати на работното место ќе го радува да даде информации за јавните повици. Недостапен за објаснување зошто изземањето на претседателот на комисијата при одлучувањето не е внесено во ниту еден од записниците беше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Недостапен за објаснување зошто изземањето на претседателот на комисијата при одлучувањето не е внесено во ниту еден од записниците беше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски

На роднински поврзувања наидовме и кај здружение чиј сопственик е сопруга на вработен во Општина Струмица, како раководител на одделение. Управител на здружението, пак, е братот на раководителот во општината. Во 2018 година општината за проект на ова здружение исплатила 139.690 денари, односно над 70 отсто од побараните средства од ова здружение. Одобрена апликација од здружението има и оваа, 2020 година. Комисијата решила за проектот да се исплатат 122.610 денари.

Заедничко за сите четири општини е што ниту една од нив нема формирано комисија која би утврдила евентуален конфликт на интереси. Петровец, Валандово, Василево и Струмица немаат ниту процедури при евентуално постоење на судир на интереси. Сите, освен Петровец, која нема објаснување, се повикуваат дека постапуваат според општинската пракса, односно правни норми, без да се повикаат на конкретен закон.

Продолжува…

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот “Граѓански организации и медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција”, поддржан од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Oрганизација на жени од Струмица и „А1он“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Исполнето е едно од клучните ветувања на Владата, општините го добиваат првиот дел од 250 милиони евра за реализација на капитални инвестиции

Мицкоски: Заедно со невладиниот сектор ќе се бориме против криминалот и корупцијата

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

A1on

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

A1on

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ