По повод новата навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања во Источниот Медитеран издадена од Турција, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, издал упатства за испраќање нов демарш до турската страна, соопшти грчкото МНР.
Новиот Навтекс, за кој грчката страна смета дека е нелегален, дека опфаќа дел од грчкиот континентален гребен, и оти „го прекршува меѓународното морско право, поткопувајќи ги мирот и стабилноста во регионот“, е за периодот од 11 до 23 ноември.
-Грција одново го осудува ова провокативно однесување, што уште повеќе оддалечува било каква перспектива за конструктивен дијалог и бара Турција веднаш да ја отповика нелегалната Навтекс-информација, велат од грчкото МНР.
Оттаму додаваат дека освен упатствата за демарш до Анкара, Дендиас дал упатства и за информирање на партнерите и сојузниците за „континуираното турско незаконско однесување“.
Ова ќе биде трет демарш од Атина за Анкара во изминатиот месец и половина, поради издадените навигациски информации за сеизмички истражувања со бродот „Оруч Рејс“ во Источниот Медитеран.