Телевизијата Фокс њуз синоќа го прекина емитувањето на говорот на Кејли Мекинени, портпарол на Белата куќа, поради тврдењата дека демократите охрабрувале лажно и незаконско гласање, а не покажала докази за тоа.
-Во Америка постои само една партија која не им дава на набљудувачите да влезат во собата каде што се бројат гласовите, и таа партија, пријатели мои, е Демократската партија. Не се противете на ревизија на гласањето затоа што саката точни бројки… Заземате таков став бидејќи охрабрувате измама и охрабрувате незаконско гласање, изјави Мeкинени.
Мекинени се обраќаше од седиштето на Националниот републикански комитет, и Нил Кавуто, водителот на програмата која одеше на Фокс њуз, го прекина емитувањето во живо со израз на изненадување. Од телевизијата подоцна изјавија дека тоа не било одлука на уредниците, туку на самиот Кавуто.
-Сметам дека треба да ни биде јасно дека таа ја обвинува другата страна дека охрабрува измами и незаконско гласање. Не можам да седам спокојно и да продолжам со емитувањето на ова, ако таа нема дополнителни детали да го поткрепи тврдењето, рече тој за време на програмата во живо.
Фокс њуз и во минатото критикуваше официјално лица од администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Топло-ладно односите продолжија и минатата недела, откако, по низа други американски медиуми, и Фокс њуз објави дека победник на изборите е деократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.