Полицијата го приведе 24-годишниот скопјанец што на 2 ноември, на улицата „Цветан Димов“ во Скопје кон друго лице испукал неколку куршуми, со огнено оружје автоматски пиштол „Шкорпион“.
– СВР Скопје- Единица за насилен криминал го лиши од слобода К.Л. (24) од Скопје и го расчисти кривично правниот настан од 2.11.2020, кога беше пукано кон куќата на А.К. По добиената пријава, веднаш се преземени соодветни мерки и активности и од страна на полициски службеници од СВР Скопје е приведен К.Л., а кај него е пронајдено и оружјето со кое го извршил делото, информираат од МВР.
Против К.Л. е поднесена кривична пријава, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор од 30 дена.
Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје, информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен скопјанец, кој неовластено во својот дом на улица „Божин Стојков“ држел огнено оружје кое на граѓаните им е забрането – автоматски пиштол „Шкорпион“ кој го набавил кон крајот на 2019 година, а на 2 ноември, на улицата „Цветан Димов“ во Скопје испукал неколку куршуми кон едно лице, притоа оштетувајќи три паркирани моторни возила.
– Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, информираат од ОЈО.
Против лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 од Кривичниот законик.