Националната галерија на Северна Македонија соопшти дека и покрај пандемијата има рекордна посетеност на трите изложби кои во октомври беа организирани во трите галериски објекти – Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица, кои публиката сè уште може да ги посети.
– Таргетиравме публика од сите возрасти и интерес, понуда за секого… На почетокот на октомври ја најавивме богатата културна понуда што ја подготвивме после долг период одложување на проектите поради тековната ситуација со пандемијата. Сите проекти се реализираа во исклучителни услови, беа и сè уште се спроведуваат протоколи за социјална дистанца и безбедност на јавното здравје, на највисоко ниво, соопшти Националната галерија.
Галерискиот објект Мала станица на 14 октомври беше домаќин на вториот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во чии рамки беше отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство, Димитар Кондовски.
– Во Мала станица и во Даут-пашин амам се реализираа бројни работилници за најмладите на тема „Кондовски“, во период од 15 октомври до 1 ноември. Одѕивот ги надмина сите очекувања, наведува Галеријата и поради тоа заедно со организаторот на фестивалот – агенцијата „Ефектива“, одлучиле изложбата да ја продолжат до 15 ноември.
До 29 ноември во Даут-пашин амам за посетителите ќе биде отворена и изложбата на дела од академскиот сликар Решат Амети по повод неговото 30-годишно творештво, која беше отворена на 27 октомври.
Во Чифте амам, пак, до 15 ноември може да се посети изложбата „Како што е“ – инсталација во простор на уметникот Антони Мазневски, продекан и професор на Факултетот за ликовни уметности.
– Изразуваме голема благодарност на својата верна публика која во исклучително специфични услови посветува внимание на нашата програма. Напоменуваме дека максимално ги спроведуваме сите протоколи за заштита од КОВИД-19 и со нивно почитување безбедноста е загарантирана. Отворени сме за посета секој ден, освен понеделник, од 10 – 18 часот, соопшти Националната галерија.