По повод 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на виртуелната средба „5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, потреба од институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик”, каде упати честитка до ромската заедница и им порача да го чуваат мајчиниот јазик.
Според претседателот, чувањето на мајчиниот јазик претставува обврска и значајна ризница за постоењето, културата и традицијата на секој народ. Оттука, тој го истакна и значењето од институционална поддршка за изучување, употреба и негување на ромскиот јазик, што истовремено е придонес во јакнење на мултиетничкото општество на државата.
Притоа, како што појасни, унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови, е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик.
– Вашите напори како наставници и професионалци кои придонесувате кон афирмацијата на ромскиот јазик во образованието се клучни за обезбедувањето на праведен пристап до образование за сите ученици без исклучок. Ние политичарите имаме обврска да ве ислушаме и заедно со вас да предлагаме соодветни политики, рече Пендаровски.
Претседателот искажа јасна поддршка на заложбите на наставниците и сите други чинители од ромската заедница, ромскиот јазик да биде задолжителен почнувајќи од прво одделение, ромската култура да биде факултативен предмет и за децата коишто не се Роми, како и поддршка за возобновување на Катедрата за ромски јазик.
Пред учесниците на средбата, Претседателот порача дека водејќи се, и почитувајќи го принципот на недискриминација, еднаквост и владеење на правото, секој припадник на ромската заедница треба да ужива еднакви можности и права, како предуслов за достоинствен живот.
– Во таа насока, нашата земја и натаму, преку суштински заложби ќе придонесува во унапредувањето на квалитетот на животот на Ромите, додаде претседателот Пендаровски.