Точно од 12 до 15 часот на телефонските броеви во Центарот за јавно здравје, каде може да се закаже тестирање за Ковид-19 на приватно, односно за 1.850 денари, не се јавува никој. Со оглед на тоа што тестирање на државна сметка е речиси невозможно, односно нема слободни термини преку матичните лекари, граѓаните кои имаат симптоми на коронавирусот се принудени тестирањето да го платат во приватните клиники.
Центарот за јавно здравје објави два телефонски броја каде што граѓаните ќе можат да закажат приватно тестирање, но поради поплава која настанала во просториите, телефоните не работат.
И покрај нашите многубројни обиди, залудно беше да закажеме тестирање на двата броја.
Директорот на Центарот за јавно здравје, Александар Стојанов за „А1он“ вели дека во последниве неколку дена невозможно е да се закаже тестирање телефонски, поради тоа што пукнале цевки од парното и настанала поплава.
„Дефектот е саниран, но сега мораме да чекаме да се исуши се, бидејќи сепак станува збор за струја. Дури ни јас не можам да се јавам никаде. Ете, и тоа дочекавме да ни се случи“, вели Стојанов.
Рецепти за „сумамед“ се оставаат по огради, дел од матичните лекари не прегледуваат пациенти со симптоми
Вистинска голгота поминуваат граѓаните кои имаат симптоми на коронавирусот или пак биле во контакт со заболено лице. Дел од матичните лекари прегледите ги вршат преку телефон, односно не сакаат да стапат во контакт со лица кои имаат симптоми на Ковид-19.
„Не требало да доаѓаш на лекар штом знаеш дека си имала контакт со позитивно лице“, вака утрово и се обратила матичната лекарка на 72-годишна скопјанка која побарала помош оти почнала да чувствува симптоми откако лице со кое била во контакт подолго време добило позитивен тест на Ковид – 19.
„Требало само да ми се јавиш по телефон, сега може и мене да ме заразиш, ми рече матичната. Ме преслуша со стетоскоп и ме прати дома, да чекам термин за тестирање. За една недела најрано, а во меѓувреме рече да и се јавам ако ми стане полошо“, се пожали П.И. во изјава за „А1он“.
Пациенти со симптоми на Ковид-19 со кои стапивме во контакт велат дека матични лекари им препишувале антибиотик, „сумамед“, без воопшто да ги прегледаат, а рецептите им ги оставале на оградата, за да не стапат во контакт со нив.
Антибиотикот „сумамед“ веќе се препишува наголемо, и покрај тоа што голем дел од луѓето не се тестирани. Но, тука, според упатените, се јавува друг проблем. Доколку лицето не е заразено, а зема „сумамед“, ако во случај понатаму заболи од Ковид-19, истиот нема да делува.
Разговаравме со неколкумина матични лекари – дел од нив велат дека вршат прегледи на пациенти, под посебни протоколи, но дека сепак клучен им е тестот за коронавирус, а термини за тестирање нема. Оттаму, и тие се соочуваат со проблеми за тоа како да им помогнат на своите пациенти, бидејќи тешко е да се направи дистинкција меѓу настинка, грип и коронавирус.
„Ги упатуваме да направат лабораторија, а за рентген снимка закажувањето оди потешко. Она што можеме ние е да им кажеме да седат дома, да не излегуваат, да пијат витаминска терапија, во краен случај даваме антибиотик. Препораката е ако качат температура над 38.5 и ако отежнато дишат, да бараме болничко сместување. Тестирање не можеме да закажеме, ниту за PCR, а на ‘Мој термин’ се уште не е отворена графа за брзите тестови, па оттаму не можеме да им го закажеме ниту тоа“, ни изјави еден матичен лекар.
Последно скалило се приватните лаборатории, каде што PCR тестовите се поскапи. Од денеска, „Систина“ ги намали PCR тестирањата од 3950 денари на 2700 денари. Цената од 3950 денари за PCR тест се уште важи во лабораториите „Биотек“ и „Синлаб“ и во болницата „Жан Митрев“, додека во „Авицена“ тестирањето е 3000 денари.
Оваа сума, голем број граѓани не можат да си ја дозволат, со оглед на тоа што често се тестираат и повеќе лица од домаќинството.
Но, во недостиг на други опции, граѓаните немаат друг начин за да проверат на што се должат нивните симптоми, за што впрочем говори и статистиката, дека речиси 50 проценти од тестирањата се направени во приватните лаборатории.