Спасувачите денеска ги извлекоа телата на последните 28 рудари, настрадани минатата недела, кога се затрупа една подземна хала на огромниот индонезиски рудник за злато и бакар.
Триесет и осум рудари беа на безбедносна обука во рудникот Грасберг, во провинцијата Папуа, кога на 14 мај врз нив се урна сводот на подземната хала.
Десетмина повредени рудари се спасени, известија американските медиуми. Од несреќата производството во споменатиот рудник, што е сопственост на американската компанија „Фрипорт-Мекморан копер енд голд“ и прекинато, како од почит кон жртвите, така и заради фокусираноста на акцијата за спасување.
Во „Фрипорт“ истакнуваат дека несреќата нема битно да делува врз нивните операции, како и дека ќе се преземат сите потребни мерки за гарантирање на безбедноста за работниците.
-Затоа повторно се разгледува безбедноста на сите подземни операции, а се работи и на утврдување на причините за несреќата, изјави Ричард Адкерсон, претседател и извршен директор на компанијата „Фрипорт“, кој вети дека ќе соработува во истрагата на индонезиската влада за овој случај.
Индонезискиот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно нареди темелна истрага за несреќата, како и проценка на безбедноста во сите рударски компании што оперираат во Индонезија.
Околу илјада работници се уште го блокираат главниот пат на околутри километри од местото на несреќата.
Според синдикалноот лидер Вирга Салосе, блокадата ќе потрае до 31 мај „ за да се изрази жалост за жртвите и да се добие време за преговори (со управата) за нашата безбедност“.
Во овој рудник се вработени над 20.000 работници, а од кога во седумдесетите години на минатиот век почна производството во него, тој беше цел на палења, бомбашки напади и блокади.
Рудникот е сместен во зафрлено, планинско подрачје на сиромашната Папуа, што е богата со сировини, во која веќе со децении се регистрираат активности на сепаратистите од низок интензитет.