Повеќе од 200 акцијаши од 32 града на поранешна Југославија ќе престојуваат во Охрид, каде од 31 мај до 2 јуни ќе се одржат Првите средби на акцијашите во Република Македонија.
Организаторот на средбите Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, ја покрена иницијативата за организирање на средбите со цел поранешните учесници на младинските работни акции да ги посетат Охрид и местата што со ентузијазам ги градеа во рамки на акциите организирани во поранешната заедничка држава.
Во Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ сметаа дека со учеството во изградбата на водоводот Метропол – Охрид, патот Охрид – Ресен, ископувањата на Античкиот амфитеатарот во Охрид, но автопатот Братство-Единство, акциите „Стрежево“, „Мариово“, „Скопје“, „Попова Шапка“, „Плачковица“, поранешните акцијаши нераскинливо се поврзани со Охрид и Македониј.
Претседателот на оваа организација, Зоран Стевоски, појасни дека идејата е преку ваквите средби пламенот на акцијаштвото од Охрид да се прошири низ цела Македонија и пошироко.
– Во Охрид повторно ќе започне бајката „Брег на младоста“, што се одвиваше во далечните 1984 и 1985 година. На истата локација ќе се соберат 150 граѓани од поранешните југословенски простори, сега веќе познати лекари, професори, вредни рудари и металци. Покрај нив ќе има и студенти и ученици. Ќе дојдат да се дружат, да се забавуваат но и да работат, изјави Стевоски.
Во рамки на средбите предвидено е и многу дружење, крстарење со брод по Охридското Езеро, како и подзаборавените манифестации Логориски оган и заедничка бригадирска вечер.