Процесните закони пречка за онлајн судења

Од:

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев и претседателот на Здружение на судиите Џемали Саити сметаат дека за да се овозможи онлајн судење потребно е прво да се интервенира во процесните закони, но дека идеја за ваков начин на судење е одлична бидејќи соодветствува на моменталната ситуација со пандемијата.

-Прво треба интервенција во процесните закони и да се создадат и услови за онлајн судење. Мислам дека во вакви услови и во една контрадикторна постапка која што се води кај нас особено во кривичните предмети е многу тешко да се обезбеди преку онлајн судење, веродостојност на постапката, особено имајќи ги во предвид основните начела и на Законот за кривична постапка и на Законот за парнична постапка, рече претседателот на Здружението на судии Саити по денешната промоција на Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 во Основниот граѓански суд Скопје и во Основниот кривичен суд Скопје.

Првиот човек на Основниот кривичен суд Скопје рече дека и до сега судот ги спроведувал мерките, се врши постојано дезинфекција на судниците и се мери температура при влез во судската зграда.

– Точно е дека процесните закони не дозволуваат онлајн судење, така што веројатно треба да се изврши некоја интервенција во законодавна смисла. Инаку, како идеја е одлична и соодветствува на овие времиња. Треба да се размисли во кој правец би можеле да се организираат, сигурно не за сите судења. Знаеме дека има еден куп одредби во Законот за кривична постапка кои го уредуваат прашањето за обезбедување присуство на обвинетите во една судска постапка, вклучително и мерката притвор, рече Џолев одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, добро е да се размисли и да се измени нешто за да се овозможи онлајн судење, но не за сите судења можеби за прекршочни судења.

Одговарајќи на новинарско шрашање, Џолев рече дека Кривичниот суд не располага со доволна техничка опрема, но дека две до три онлајн судења днево би можеле да се организираат.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО