Мобилни екипи од лекар, лаборант и РТГ техничар да ги посетуваат болните од Ковид – 19 кои се лекуваат дома, бара токсикологот Беќаровски

Од:

Новиот предлог на токсикологот Нико Беќаровски за намалување на смртноста од Ковид – 19 поради касно јавување во болниците е формирање мобилни екипи од лекар, лаборант и РТГ техничар кои ќе ги посетуваат болните кои се лекуваат дома. Тој предлага мобилните екипи да функционираат на ист принцип како што здравствените власти се бореле со туберкулозата кога камион патувал од населба до населба и се вршеле снимања на градите, ран скрининг и превенција од ТБЦ.

„Како што ќе расте бројот на заболени од Ковид – 19, така ќе биде неопходно се поголем број од заболените да се лекуваат во домашни услови, а тоа неминовно ќе води и до погрешни проценки за тежината на болеста. Затоа можеби е добро да се размисли за формирање на мобилни екипи, (доктор, лаборант, ртг техничар) кои ќе ги посетуваат болните во нивниот дом, со цел да се направат неопходните лабораториски иследувања и (РТГ или дигитална флуорографија) во домот на заболениот. Кај сите каде што со пулсоксиметрите лабораториските анализи и РТГ/ФЛУОРОГРАФИЈА, ќе се установи потреба за кислородна поддршка, ќе може да се инсталираат домашни концентратори на кислород, за кислородна поддршка“, предлага токсикологот Беќаровски.

Со мобилните екипи, според Беќаровски, ќе може успешно да се детектираат сите компликации, а граѓаните нема да се чувствуваат заборавени од системот, а тоа, пак, ќе придонесе до драстично намалување на притисокот врз болниците, каде навистина би биле сместени само најтешките форми на заболувањето.

Со мобилните екипи болните на домашно лекување нема да се чувствуваат заборавени од системот, а во болниците би биле сместени само најтешко заболените. – Токсикологот Нико Беќаровски

И овој предлог на Беќаровски е неприфатлив за Министерството за здравство.

„ Матичните лекари се доволни за комуникација со пациентите и проценка на нивната здравствена состојба. Ниту еден здравствен систем во светот нема ваква форма домашна посета, посебно сега кога сите лекари се ангажирани во болничките установи“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.

Болните кои се лекуваат дома, пак, се жалат дека матичните лекари им се достапни само телефонски за инструкции како да постапат ако им се покачи телесната температура повеќе од 38,5 степени.

Првиот предлог на Беќаровски за намалување на смртноста беше државата да набави пулсоксиметри и да им ги подели на болните кои се лекуваат дома за да можат да го следат пулсот и нивото на кислород во крвта како два основни параметри за состојбата во која се наоѓаат.

Министерот за здравство Венко Филипче за пулсоксиметрите смета дека се болничка опрема и дека состојбата на пациентот може да ја одреди само лекар. Тој денес рече дека за три недели новите мерки треба да дадат резултат и очекува намалување на бројките.

Вечерва Министерството за здравство јави за нов рекорд по број на заболени. Изминатото деноноќие се регистрирани 934 новозаболени и петмина починати.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски