Владата на вчерашната 16. седница ја разледа информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор за јавна набавка на лекот ремдесивир прифатен во терапијата за Ковид-19 со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со ЕК и обезбедување на финасиски средства. Владата донесе заклучок да го задолжи министерот за здравство да го потпише и имплементира посебниот договор за јавна набавка на овој лек, согласно обврските преземени од Рамковниот договор, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.
Тој информира дека на вчерашната владина седница се разгледа и усвои и информацијата на МИОА за постапката пред Уставен суд по иницијативата за оценување на уставноста на член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се регулираат авторските прва на програмите кои ги реемеитуваат кабелските оператори.
-Министерството информираше дека е во очекување на одлуката на Уставниот суд по што ќе постапи соодветно со мислењето на судот, рече Арсовски.
Министрите во Владата донесоа одлука за намалување на увозните давачки и царинските стапки на одделни производи и компоненти потребни за производство на технолошко-напредни производи. Во период од една година ќе се намалат на нивото на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите членки на ЕУ со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошко-напредни производи.
Арсовски информира дека на предлог на Комисијата за именување е донесена одлука Бајрам Реџепи да го избере за член на Одборот на директори на Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси-Скопје во државна сопственост. Со одлука на Владата, Фарук Омери е разрешен од функцијата в.д. директор на Управата за јавни приходи, а со друга одлука Сања Лукаревска е именувана за в.д. директор на оваа институција. Владата ја именуваше Моника Јованова, член на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој за претседател на Управниот одбор,на предлог на самиот Управен одбор. Владата го именуваше Фатмир Арифи за в.д. дирекотор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
-Владата изрази несогласување со збирниот извештај за настанатите штети од елементарните непогоди што ги зафатија општините Валандово, Велес, Кочани, Пробиштип и Свети Николе на Комисијата за проценка и утврдувње на висината на штети од елементарни непогоди и донесе одлука членовите да бидат разрешени. Нови членови на Комисијата за проценка и утврдувње на висината на штети од елементарни непогоди ќе бидат именувани на една од наредните седници на Владата, рече Арсовски.