Директорката Лидија Димова и уште неколку лица се сомничат за проневери направени во Националната агенција за европски образовни програми. „А1он“ објави дека грантови во износ од 270.000 евра биле доделени на фризерница, чиј сопственик, бил и надворешен експерт во Националната агенција. Предмет по соменвањата за проневери го оформи Управата за финансиска полиција, а го работи во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Извори од истрагата посочуваат дека едно од делата е проневера на фондови од Европската Унија. Управата за финансиска полиција најави детали по комплетирање на предметот.
„Предметот е во завршна фаза. Се вршат последни консултации со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од Управата за финансиска полиција за „А1он“.
Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека за случајот ќе информираат откако официјално ќе ја добијат кривичната пријава.
„Во моментов не можам да кажам ништо“, вели Русковска.
Од Националната агенција молк. Директорката Лидија Димова не одговара на прашањата од „А1он“ за тоа дали и натаму стои на ставот дека нема сторено никакви прекршувања и дека нема основ за нејзино казнување. Како и претходно, таа ги игнорира повиците, мејловите, пораките упатени до неа.
Обвинителот Љубомир Јовески за „ТВ24“ кажа дека во кривичните пријави против Димова и другите лица, се опфатени случаите „Фризерница“ и „Благајна“ за кои „А1он“ истражуваше.
Од Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) која е надлежна за истражување на злоупотреба на европски пари, за „А1он“ велат дека не споделуваат детали за истраги, со цел да не наштетат на евентуалните постапки.
„Ние не сме во состојба да одговориме на вашите прашања. ОЛАФ обично не коментира за случаите што можеби ги третира, а може и не. Ова е со цел да се заштити доверливоста на какви било можни истраги и можни судски постапки што би следеле, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедуралните права“, велат од ОЛАФ.
„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова, истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад кон Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.
Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски, им префрлал пари на трансакциска сметка и ги барал да им ги врати во кеш. Златковски, на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не земал пари во кеш.
Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција, Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека и бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова и се заканувала со убиство.
Фризерницата немало да го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски, се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.