Тројца луѓе, меѓу кои 12-годишно дете од Украина и неговата мајка, се повредени во напад на ајкула во близина на познатото египетско летувалиште Шарм-ел Шеик, јавуваат локалните медиуми.
Тие нуркале во националниот парк Рас Мохамед, кога ајкулата нападнала и ја одгризала раката на детето, а потоа се свртела кон туристичкиот водич на групата и му ја откинала ногата, соопшти Министерството за животна средина на Египет. Повредените биле итно пренесени во болница, а украинските медиуми јавија дека на детето и покрај операцијата, лекарите не можеле да му ја спасат раката.
Според првичните сознанија, ајкулата која нападнала била женка од видот океанска белоносна ајкула, која претходно била забележана во реонот како се однесува агресивно кон луѓето, што не е природна одлика на тој вид ајкули.
Властите го затворија делот од националниот парк каде што се случил нападот.