Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров утре ќе престојува во дводневна посета на Србија, а веднаш по неговото пристигнување ќе се сретне со српскиот претседател, Александар Вучиќ, соопшти прес-службата на претседателот.
Главните теми на разговор, според најавата на рускиот амбасадор Александар Б. Харченко, ќе бидат билатералната соработка, состојбата во регионот и прашањето за Косово, како и клучните меѓународни теми.
Во четврток, претседателот Вучиќ и Лавров ќе ги посетат завршните работи за мозаичното уредување на Храмот „Свети Сава“ и ќе присуствуваат на церемонијата на палење на вечниот пламен и положување венци на споменикот „Вечен оган“ на Меморијалните гробишта на ослободителите во Белград.
Во пресрет на посетата на рускиот министер за надворешни работи, амбасадорот на Русија во Србија, Александар Харченко, за „Танјуг“ изјави дека односите меѓу двете земји се развиваат на најдобар начин, што е потврдено и со таа посета.
„Лавров, исто така, ќе се сретне со патријархот на СПЦ, Иринеј“, додаде Харченко.
Рускиот министер за надворешни работи оди во Србија како дел од регионалната турнеја на која треба да ги посети Грција и Босна и Херцеговина.