Сопругата на ерменскиот премиер Никол Пашинјан, Ана Хакобјан, ќе помине воена обука и ќе се приклучи на војската на својата земја на првата линија на фронтот во Нагорно Карабах, откако претходно тоа го стори нејзиниот син, објавија медиумите од земјата.
„Од утре одред од 13 жени, меѓу кои сум и јас, ќе започне воена обука. За неколку дена ќе тргнеме да ги браниме границите на татковината. Не смееме да му ја отстапиме на непријателот својата татковина и достоинството,“ напиша Хакобјан на својот Фејсбук-профил.
Сопругата на премиерот и претходно известуваше за ситуацијата во Нагорно Карабах, а неодамна објави снимка во која се појавува нивниот син Ашот, кој исто така замина да се бори на првите линии на фронтот.
„Ашот Пашинјан денеска заминува со доброволните одреди, со воен автобус на линијата на фронтот,“ напиша тогаш Хакобјан.
Утринава на боиштето на крвавиот судир по трет пат стапи на сила примирје, но тоа не беше почитувано ниту од ерменска, ниту од азербејџанска страна.