Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска остварија онлајн средба со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, во рамките на целодневната агенда за видеоконференциски разговори со највисоките претставници на институциите на ЕУ, на која заеднички е констатирано дека во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија е нотирана добра испорака на земјата на нејзините обврски од ЕУ агендата и оти таа е подготвена да продолжи со напредокот во целиот спектар на поглавјата на правото на Унијата, со фокус на владеењето на правото, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Заев на средбата нагласил дека Владата е целосно посветена да ги реализира сите препораки од извештајот и дека патот на трансформацијата на земјата согласно европските стандарди е неповратен процес.
– Со натамошното преструктуирање на нашето општество и со детерминираната решеност, Северна Мекедонија е подготвена да стане следната успешна приказна на проширувањето на ЕУ, и во прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет, истакна премиерот Заев на онлајн средбата со претседателот на Европскиот парламент Сасоли.
Во таа насока сите соговорници на средбата нагласиле дека е од исклучителна важност утврдувањето на Рамката за преговори на почетокот на ноември, по што ќе следува првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ со што ќе се означи почетокот на преговорите по поглавја за членство на земјата во ЕУ.
Во однос на одржувањето на добрососедските односи, на средбата било речено дека Северна Македонија со добра волја и низ дијалог има намера да ги спроведе сите обврски утврдени во Договорот од Преспа со Грција и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли подвлекол дека се охрабрувачки пораките што доаѓаат од Северна Македонија во Брисел дека земјата е подготвена со добра волја и низ дијалог да ги затвори сите прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата меѓувладина конференција.
Во таа насока, Сасоли потенцирал дека Европскиот Парламент е посветен целосно на пристапниот процес за целиот Западен Балкан, и го оценил вклучувањето на земјите од регионот како историски исчекор за консолидацијата на ЕУ.