Италијанското Министерство за здравство продолжува да објавува научни мислења за „магични лекови“, односно да ги разбива лажните вести и тврдењата за наводни лекови за третман на Ковид-19, пишува весникот „Ил Фафто Котидијано“.
На веб-страницата на Министерството е објавен список со најновите лажни вести и лекови.
Лукот, иако има некои антибактериски својства, не лечи зараза од коронавирус, предупредуваат експертите, како одговор на ширењето преку социјалните мрежи на наводни рецепти и препораки за третман со помош на „состојки од вашата кујна“.
Исто така, експертите информираат дека миењето на носот со раствор на морска сол не е лек за Ковид-19, иако е добра хигиенска мерка.
Нема потреба да се соблекувате и да ја perete облеката во која сте биле надвор од куќата откако сте дошле однадвор, затоа што ако сте ја следеле препораката да одржувате растојание од најмалку еден метар со други луѓе, постои мала веројатност облеката да биде заразена.
Примената на 5Г мрежата, според научните истражувања, нема никакво влијание врз здравјето и затоа не е причина за ширење на коронавирус, стои на веб-страницата на италијанското Министерство за здравство.
Вирусот не е и не може да биде причина за стерилитет, предупредува научниот и техничкиот медицински персонал на италијанското Министерство за здравство.
Но, вонредната состојба, како што е пандемијата на Ковид-19, е плодна почва за ширење лажни, фејк вести, велат експертите и уште еднаш ги повикуваат граѓаните да веруваат во научно проверени факти.