Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде отворена заедничка изложба на Давор Кешќец и Стефан Младеновски – колеги кои заедно завршиле средно уметничко училиште на одделот графика и се дипломирани графичари на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Од оваа година тие се членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), а во МКЦ ќе имаат и прва заедничка изложба. Давор Кешќец ќе се претстави со серија дела под наслов „Blue moon“, а Стефан Младеновски со неговите „Ликовни решенија“.
– На изложбата ќе може да се видат две сосема различни гледишта кон ликовната уметност, наведува МКЦ, кој изложбата ќе ја организира согласно со протоколите за организирање настани во затворен простор.