Приоритет на АД МЕПСО е да обезбеди непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија на сите корисници на електропреносната мрежа и доверливо и сигурно работење на елетропреносниот систем. За остварување на оваа цел потребно е перманентно инвестирање во опремата во трафостаниците и далекуводите, порача генералната директорка Ева Шуклева по извршениот увид во реконструкција на трафостаницата „Струмица 2“ заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.
– Повод за оваа работна посета на трафостаницата „Струмица 2“ е замената на најстарите прекинувачи во нашата преносна мрежа кои, благодарејќи на соодветното стручно одржување служеа повеќе од 50 години. Заменети се со прекинувачи, од најновата генерација, чија одлика, меѓу другото, е тоа што за најкратко време можат да го изгаснат електричкиот лак што се јавува при манипулација, вклучување и исклучување на прекинувачот. Како медиум за гасење прекинувачот коиристи „SF 6 гас“, кој во праксата во светски рамки се покажа како најефикасен. Оваа активност во ТС „Струмица 2“ е дел од проект што АД МЕПСО го финансира со сопствени средства и го изведува со сопствени сили. Станува збор за вложување од 650.000 евра за набавка на 31 нов 110 киловолтен прекинувач кои во рок од две години ќе ги монтираме и ставиме во функција во вкупно 18 трансформаторски станици вмрежени во преносната мрежа, рече Шуклева.
Министерот Бочварски истакна дека стабилен и добар енергетски систем е важен предуслов за странски инвестиции.
-Денеска направивме увид во работите на реконструкција на трафостаницата „Струмица 2“, каде што МЕПСО инвестира околу 650.000 евра за подигнување на капацитетите за подобар и постабилен електричен систем и систем на пренос во во струмица и целиот Струмички регион. Претходно беше реконструирана и другата станица, „Струмица 1“, кои се поврзани со таа во Сушица, Валандово, па се до границата со Бугарија. Овие инвестиции ги поздравувам, рече Бочварски.
Тој и се заблагодари на директорката Шуклева и на целиот тим на МЕПСО кои работат на подобрување на енергетскиот систем.
-Инвестициите во државата, секако, би дошле доколку имаме стабилност, добра инфраструктура и добар енергетски систем, добра енергетска поставеност, нагласи Бочварски.
Тој се сретна и со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и со Секторот за урбанизам и притоа заедно работеле на отворените прашања и на примената на новиот закон и правилник за урбанистичко планирање, но и на сите идни проекти во Општината и во делот на улици и патишта, како можност за нови и дополнителни инвестиции во градот.