Премиерката на Финска Сана Марин го напушти самитот на Европската унија поради самоизолација откако стапила во близок контакт со фински пратеник кој бил позитивен на Ковид-19.
Марин рано го напушти состанокот на Европскиот совет во Брисел и побара од шведскиот премиер Стефан Лефвен да ги застапува финските интереси наместо неа.
„Го напуштив состанокот на Европскиот совет како мерка на претпазливост и го замолив шведскиот премиер Стефан Лефвен да ги претставува финските интереси до крајот на состанокот“, напиша Марин на Твитер.
Марин веќе е на пат кон Хелсинки, каде ќе направи корона тест, а потоа таа ќе замине директно во премиерската резиденција каде и ќе остане во карантин.
Лидерите на ЕУ одржуваат дводневен самит на кој разговараат за растот на позитивни случаи на коронавирус низ унијата во последните неколку недели.