„Храна во кадар“ – прв Трпеза филм фестивал во Скопје

Од:

Неколку кратки и четири долгометражни документарни филмови, ќе бидат прикажани денеска на првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал“ (ТФФ) што ќе се одржи во Скопје.

Фестивалот насловен „Храна во кадар“ го организираат Слоу фуд Водно и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Со ТФФ воедно ќе се одбележи и 16 Октомври – Светскиот ден на храната. Испратена ќе биде пораката за важноста на локалните производители и ресурси, за зачувување на биодиверзитетот, растителниот и животинскиот потенцијал, како и за заштита на животната средина.

-Целта на ТФФ е едноставна: едукација на луѓето преку филмот – да почнат да размислуваат многу посуштински за храната и за изборот што секојдневно го прават, не само за себе, туку и за Планетата. Но, целта е и да се мотивираат, односно поттикнат продуцентите да ги документираат приказните на нашите локални производители кои и тоа како имаат што да кажат и да пренесат, вели за МИА Марјан Костадиновски, еден од организаторите и координатор на Фестивалот.

ТФФ ќе се одржува во Кинотека на С. Македонија, а почетокот е закажан за 17 часот. Поради ситуацијата со КОВИД-19, протоколите за заштита ќе бидат максимално испочитувани.

На отворањето поздравно обраќање ќе има постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Росана Дуџак, по што се очекува Фестивалот да го поздрави и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа. ТФФ преку видео порака ќе го поздрави и заменик-регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги.

Публиката во Кинотека ќе може да ги види „На трпеза кај…Македонија“ од Mирјана Момировиќ, „Езеро од јаболка“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказната за Слоу Фуд“ на Стефано Сардо и „Момчињата од Бароло“ на Паоло Казалис и Тициано Гаја. Пред секоја од овие проекции ќе биде пуштен по еден краток видео запис на ФАО со фокус на важноста на зголемување на отпорноста и одржливоста на системите за храна и обезбедувањето здрава исхрана за сите.

Светскиот ден на храната годинава се одбележува под мотото „Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно – Нашите дејства се нашата иднина“, а ФАО одбележува 75 години постоење.

-КОВИД кризата дополнително не натера да се потсетиме дека луѓето кои, и во овие исклучително тешки околности се посветени на производството, преработката, превозот и продажбата на храната, се всушност вистинските херои – помагаат да растеме, да се исхраниме, да го одржиме нашиот свет. Да ги подджиме. Време е да се делува подобро, велат од ФАО по повод Светскиот ден на храната.

Според ФАО, над две милијарди луѓе во светот немаат редовен пристап до доволно количество хранлива храна, а околу 135 милиони во 55 земји трпат акутен глад за што им е потребна итна помош околу храната, исхраната и егзистенцијата. КОВИД-19 само го отежна проблемот и се заканува да ги уназади важните придобивки постигнати во однос на осигурување на храната, исхраната и егзистенцијата. Статистиките покажуваат и дека скоро 80 отсто од екстремно сиромашното население во светот живее во руралните средини и егзистенцијата на најголем дел од нив зависи директно од земјоделството, интензивното производство на храна во комбинација со климатските промени доведува до нагла загуба на биодиверзитетот и моментно само девет растителни видови учествуваат со 66 проценти во вкупното производство на култури наменети за човечка исхрана.

Светскиот ден на храната годинава повикува на силна акција за постигнување на целта #СветБезГлад и подобра исхрана до 2030 година преку посилни партнерства и соработка во насока на трансформирање на системите за храна, промена на начинот на нејзино производство, консумирање и трошење.

Би можело да ве интересира

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ

Бред Пит ја откри улогата која му го промени животот: Научив многу

Предраг Петровиќ