Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните за максимална внимателност на почетокот на грејната сезона, односно да не ги оставаат вклучени грејните тела кога подолго време не се присутни во домовите или работните простории, особено не греалки, клима уреди или печки на дрва.
Оттаму потенцираат дека поенцијалните опасности од избувнување на пожари, најмногу се предизвикани од човечко невнимание, користење неисправни печки на дрва или на електрична енергија, на стари и дотраени електрични инсталации, греалки и други видови грејни тела, како и поради неисчистени оџаци во куќи или станбени згради.
– Доволна е само мала искра да пламне голем пожар со сериозни материјални и други последици. Ова, посебно се однесува на станбените згради, каде далеку потешко се локализираат пожарите, поради недостиг на потребната опрема во многу од нив и отежнатиот пристап до објектите, најчесто од градежни или други причини. На сопствениците на куќи и на станарите во зградите им се советува најмалку два пати годишно да ги проверат и исчистат оџаците, но и да не ги преоптоваруваат инсталациите во домовите или локалите со вклучување на повеќе електрични апарати наеднаш, се вели во апелот на СВР Тетово.
Тетовската полиција потсетува дека предизвикувањето пожар, односно на општа опасност претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна од една до пет години согласно член 288 од Кривичниот законик.