Во Младинскиот културен центар вечерва ќе биде отворена изложбата „4 пати слобода“ која е заеднички проект на четири ликовни уметнички, кои потекнуваат од различни културни средини, различни етникуми и кои имаат различен ликовен сензибилитет и визуелен пристап.
Едно нешто што заедничко за сите нив е тоа што се жени и делат сродни размислувања за важноста и ексклузивноста на слободата на жената во потрадиционалните општества, како и општествата од каде што доаѓаат и самите.
Станува збор за Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Снежана Мелник и Ала Хвастунова. Првата е Македонка од Скопје, втората, Албанка од Кичево, третата, Украинка од Брјанка и четвртата, Русинка од Јарослав.
– Дали сè уште живееме во свет во кој патријархатот е доминанта? Дали женската еманципација или општествената партиципација е сè уште предмет на интерес? Дали ако зборуваме за „женска“ уметност покажуваме сè уште несигурност кон теренот на уметноста, чија рамноправност е и понатаму дискутабилна? Можеме ли отворено да зборуваме за тело, голотија, слобода на одлучување, право на абортус, развод, домашно насилство, физички изглед, задоволства, влакна, менструални циклуси итн?, се дел од прашањата кои се третирани на изложбата.