Подготвени сме да го полниме Буџетот доколку ни биде дозволено, како и да ја поддигнеме економијата во услови на криза, но за тоа ни треба помош и поддршка од државата, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија по денешната средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Иако градежништвото не е меѓу најзагрозените сектори од пандемијата, како што вели, работи со намален капацитет, а прогнозата за до крајот на годината не е оптимистичка. Затоа бараат продолжување на досегашните и носење нови мерки за поддршка, како и создавање услови за одржливост и поттикнување на развојот на секторот.
– Секторот најмногу изгуби со тоа што почетокот на пандемијата се поклопи со почетокот на градежната сезона, така што се што беше подготвено за старт се одложи, а тоа се големи трошоци што треба да ги покријат компаниите. Сепак, нашата прогноза е дека ќе се продлабочи кризата и затоа баравме обновување на старите мерки, носење на некои нови, а како долгорочна стратегија зголемување на конкурентноста на компаниите, приближување кон научно истражувачките институции, како и помагање да излезат надвор од државата, рече Серафимовски.
И министерот, дополни, се согласи дека не чека многу тежок период во зимата кој треба да го пребродиме, имаме проблеми цела година и ќе ги имаме до крај на годината, а доколку не се погодат временските услови би имале уште еден застој којшто ви минатото сме го третирале како застој, а сега би ни бил голема препрека за натамошна реализација.
Градежниците на средбата побарале државата да се заземе за поголема реализација на капиталните инвестиции, за поголема коорднација помеѓу општините и јавните претпријатија со цел да заживее високоградбата, каде падот во првите шест месеци е драстичен, да продолжат мерките за помош на исплата на плати и придонеси, администрацијата да биде пофлексибилна за решавање на проблемите, да има зголемена помош на извозно ориентираните компании и зголемена поддршка на домашните компании. Предложиле и да имаат субвенции во опрема, за актуелни софтвери по кои се работи во ЕУ.
-Подготвени сме да работиме и дење и ноќе и да ги доставиме сите потребни податоци, оперативни, од аспект на изведба, проектирање, со цел државата да се заземе и да ни помогне во моментов да поставиме услови занапредок во наредните години, истакна Серафимовски.
На средбата е договорено да се делува заеднички и да се креираат тендерски и општествени услови за домашните градежни компании со цел да се одржи и поттикне нивниот развој и тие да не работат само како подизведувачи на странски компании и во сопствената држава.
-Треба да се даде поголема поддршка на македонските градежни компании затоа што во државава имаме големи компании, коишто пазарот и ограничувањата вонашата држава се толку претесени да можат слободно да излезат во странство и да го дадат својот квалитет, знаење и вештини. Имаме многу меѓународни компании докажани на странските пазари и почитувани во регионот. Сметаме дека во моментов неминовно е потребно државата да помогне и да поттикне нивен развој, а со тоа би поттикнала развој и на целото градежништво во целина, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.
Сите држави, како што рече, имаат поставено свои бариери и услови за стопанските гранки, особено за градежништвото и многу е тешко нашите компании иако докажани и референтни да учествуваат самостојно на тендери во странство или да учествуваат во конзорциуми во коишто би биле лидери.
Заради тоа, потенцираше, неминовно е создавање услови во нашата држава доколку сакаме тие компании да ги одржиме, да ги поттикнеме и да создадеме од нив нешто што утре би дали поголем придонес во општетството.
-Разговараввме и за неможноста на нашите компании да учествуваат дури и на домашни тендери и дека работат како подизведувачи во сопствената држава. Тоа, нагласи, е пат по кој не би требало да одиме и треба да поттикнеме поголем напредок на нашите компании и да покренеме поголеми акции со цел да ги одржеме затоа што е тешко голема компанија да опстои во една мала држава, особено во држава со развој како нашата. И министерот се согласи дека заеднички треба да делуваме да го исполниме сето тоа, односно да креираме тендерски и општетсвени услови во кои нашите компании би имале предност за да дојдеме до целта. Доколку тоа не успееме да го искреираме, а сега е преломната, точка цениме дека не очекува вистинска катастрофа во градежништвото за неколку години, а тоа е дека единствено ќе работиме како услуга на странските компании во помал обем кој не гарантира никаков развој ниту за нашите компании, ниту за нашата држава, рече Серафимовски.
Министерот Бочварски потенцираше дека и градежните компании можат да ги користат антикризните мерки од четвртиот пакет.
-За среќа, градежниот сектор не е од најпогодените сектори. Имаме сектори коишто навистина трпат големи загуби, но секако дека овие мерки коишто се дел од четвртиот пакет ги опфаќаат и градежните компании и се добро прифатени бидејќи се добро димензионирани во согласност со барањата на коморите. Секоја компанија може да ги користи од аспект на пребродување на оваа состојба, рече Бочварски.
Сите институции и компаниите, укажа, мора да работиме на побрување на нашите капацитети. Најави дека ќе се работи на законски промени и постапки за забрзување на процесите и подигање на нивото на капиталните инвестиции.
-Работиме на одглавување на сите проекти коишто имаат одредени застои за во ова време да покажеме повисоко ниво на капитални инвестиции. Верувам дека комората тоа ќе го препознае. Верувам дека заедно ќе работиме во една подобра насока и очекувањето се дека во текот на 2021 година веќе ќе ги пребродиме сите овие состојби коишто ни ги наметна ковид кризата, рече Бочварски.
Податоците на Комората покажуваат дека од почетокот на кризата има пад од 4,5 проценти на издадените одбренија за градење, на договорените работи од 4,3 проценти, како и дека е слаба реализацијата на капиталните проекти и на проектите преку јавните претпријатија….Засега нема отпуштања поради пандемијата, односно регистриран е пад од 2,9 проценти на вработувањата. Во градежниот сектор сега се ангажирани 56 илјади лица.