Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска побара од директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова пред јавноста да ги презентира сите информации за случајот со доделување финансиски средства од Европската унија, кој го објави „А1он“.
-Од директорката Лидија Димова, се очекува пред јавноста да ги презентира сите информации за случајот, со што ќе се даде шанса да се расчистат сомнежите за злоупотреба. Отворено, со присуство на медиумите, се разбира. Во меѓувреме, Владата и јас како Вицепремиер, очекуваме од надлежните органи во најкус можен рок да спроведат соодветни постапки, да го испитаат случајот и навремено да не информираат за исходот и нивните наоди, односно фазите на постапката, напиша на својата страница на Фејсбук вицепремиерот Николовски.
Паралелно на тоа, додава Николовски, доколку се утврди дека постои пропуст кај функционер, врз основа на новиот Етички кодекс ќе биде побарана и политичка одговорност.
-Ја охрабрувам јавноста да реагира, како што реагира и сега. Ова е Влада со јасна заложба за максимална транспарентност. Никаков сомнеж за злоупотреба не смее да се крие, а на државните органи е истите темелно да ги испитаат и да носат чесни одлуки согласно законите, наведува Николовски.