Цените на храната во септември забележаа голем скок на светските пазари, предводени од големото поскапување на растителните масла и житарките, соопшти денеска Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на ФАО за цените на храната во кошницата за основни прехранбени производи во септември се зголемил за пет проценти од ревидираната вредност во претходниот месец, на просечни 97,9 поени. Според статистиката на ФАО, храната поскапува веќе четири месеци по ред.
Минатиот месец најмногу се зголемиле цените на растителните масла, за шест проценти во споредба со август, достигнувајќи највисоко ниво во осум месеци благодарение на зголемената побарувачка за увоз на палмино масло и пониските резерви во Малезија.
Многу се зголемија и цените на сончогледовото масло, најмногу поради влошените изгледи за принос во регионот на Црното Море.
Цените на житарките скокнаа и за 5,1 процент, предводени од наглиот пораст на цените на пченицата поради зголемената побарувачка водена од загриженоста за производството на јужната хемисфера и сушата што негативно влијае на сеидбата на зимската пченица во Европа.
Во споредба со септември минатата година, цените на житарките се зголемени за 13,6 проценти.