Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека Владата ги исплати во целост субвенциите на лозарите и винариите. Според него, на 23.500 земјоделци Владата им исплатила над 740 милиони денари.
„До последен денар се исплатени средствата за лозарите и винариите. Преку 740 милиони денари исплативме, токму само за оваа намена во која се вклучени околу 500 милиони денари кои се исплатени за постоечките лозови насади и за двата денари по килограм грозје што ги обезбедивме. Исплатени се средства и за винариите и за новите лозови насади, изјави Ставрески во Неготино каде имаше средба со стопанственици од Неготино.
Тој информираше дека средствата се легнати на сметка на земјоделците и рече дека земјоделците и сите оние кои се занимаваат со производство на грозје и со преработка можат да сметаат дека и во иднина ќе ја имаат поддршката од Владата бидејќи тие пари, како што наведе, не се важни само за лозарите и винариите, туку за вкупното стопанство, бидејќи преку обртот влегуваат во многу други фирми и на тој начин се чувствува поддршката во Неготино, Кавадарци и сите региони каде има исплата на субвенции.
Покрај субвенциите, како поддршка на македонското стопанство, министерот ги посочи и обезбедените 111 милиони евра и ги повика да се обратат што побрзо во банките и Македонската банка за поддршка на развојот да ги искористат.
„Ги информирав неготинските бизнисмени што побрзо да се обратат во банките и Македонската банка за поддршка на развојот да повлечат пари, односно 100-те милиони евра кои ги обезбедивме од Европската инвестициска банка со камата од 5,5 отсто за која буџетот субвенционира дел од каматата за да бидат поевтини парите за стопанствениците и уште 11 милиони евра кои ги обезбедивме со докапитализација на МБПР со каматна стапка од само 3 отсто наменети за претпријатијата кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, а такви има доста во регионот на Тиквешијата. Нема поевтини средства на пазарот, нема подобри услови во Европа од овие што ги обезбедивме ние и верувам дека тоа ќе им помогне на македонските компании да ја пребродат оваа нова европска криза и намалените нарачки од Европа да обезбедат ликвидни средства, а се надевам понатаму и средства за инвестиции, рече Ставрески.